вторник, 1 февруари 2011

Страници за нашата љубов - Николас Спаркс


Страници за нашата љубов - The notebook
„Јас сум обичен човек, со обични мисли, што живее обичен живот. Не постојат споменици во моја чест, а моето име наскоро ќе биде заборавено, но јас љубев со сето свое срце и душа и за мене тоа секогаш беше доволно.“
Да ги оставиме зборовите од корицата на овој сајт бидејќи нив можете да ги прочитате на самата книга, а и на сите други веб страни за продажба на книги, форуми итн. Да разговараме за книгата. 
Ова е љубовна приказна која се создава еднаш на 10 години, а погодува 10 од 10 луѓе кои ја прочитале. Да не заборавиме секако кој е авторот на оваа книга, па тоа Николас Спаркс, човекот кој нема напишано лоша книга во својата кариера, човекот кој во секоја од своите книги го создава совршениот маж кој секоја жена би го посакала.
Страници за нашата љубов е приказна за љубовта која не знае за години, за препреки, за болести...  Ова е приказна која ни покажува каква треба да биде вистинската љубов, која ни покажува до каде оди оној кој вистински љуби.
Нема да ја препорачам оваа книга, срамота е да го направам тоа, едноставно ќе Ве прашам Дали ја прочитавте? Доколку Вашиот одговор е НЕ, тогаш Ви наредувам, значи наредувам да ја прочитате.

Прва љубов во розевата улица - Натали Спасова

Прва љубов во розевата улица - Натали Спасова
Прва љубов во розевата улица е роман кој младата авторка го напишала на свои 13 години. Тоа е возраст на која секој тинејџер се обидува да се пронајде себеси и да се истакне на свој начин, да направи нешто што ќе го издвои од другите.
Приказната за семејството Марковски во која главни актери се мајката, таткото, синот Даниел и ќерката Александра (во целина е и кучето Лорд), се случува кај нас. Но не е исклучена можноста, на моменти, да се помисли дека се запаѓа и во некој чудесно необичен, дури и имагинарен простор. Во семејството Марковски (со современ начин на живеење), има љубов, а има и помали или поголеми недоразбирања и разидувања.
Во семејниот живот ќе им влезе и млада жена по име Анастасија и тоа во времето кога мајката е бремена со трето дете.
Четиринаесетгодишното девојче Сандра (од која не се настојува сосила да се направи јунак во приказната), преку ненаместени доживувања нè води од настан во настан. Со самото тоа, на убав начин, преку неочекувани постапки и решенија се создава лик, произлегува јунак во романот.
Никогаш не се случува она што го очекува читателот, па затоа, самата по себе ќе се понуди добра приказна, а и ќе се изроди убав хумор.
Да не ви откривам повеќе, прочитајте ја книгата, нема да зажалите!