Драми и романси

                  Порака во шише - Николас Спаркс
Порака во шише - message in a bottle
Цела оваа приказна, оваа книга е ФЕНОМЕНАЛНА, исклучителна, една во милион, уникатна... Нема да пропуштам да спомнам дека автор е Николас Спаркс што исто така треба да Ви значи многу на сите Вас кои сте негови љубители.
Не знам зошто ама Николас обожава да не расплакува. Книгава ја прочитав во еден ден.
Во кратки црти, станува збор за една девојка, жена во своите рани 30-ти години која додека е на одмор ќе најде на брегот едно писмо кое е затворено во шише. Брановите го исфрлиле шишето кое пловело низ океанот. Таа го чита писмото и сфаќа дека е напишано од страна на некој маж. Но тоа едноставно изгледа како да не е можно да го напишал маж...
Чини дека се заљубила во него преку самото писмо, иако не го познава... Тогаш одлучува дека мора да го најде, едноставно мора да го запознае човекот кој го напишал тоа писмо.
Но таа не знае кога е писмото напишано, не знае колку време истото пловело низ океанот.
Чудно е како судбината наоѓа начини за да ја заврши својата мисија...
Ја препорачувам на сите кои го сакаат Спаркс, на сите кои сакаат романтични книги и воопшто на сите кои сакаат добра книга...




Дванаесеттиот ангел - Ог Мандино
Дванаесеттиот ангел - Ог Мандино
Дванаесетиот ангел на Ог Мандино е една од најтрогателните книги, некогаш напишани.
Приказната во книгата започнува со славењето на враќањето на Џон Хардинг во градот во кој израснал. Тој има сѐ што можел некогаш да посака: прекрасна сопруга, добра и високо платена работа и прекрасен седумгодишен син.
Но, судбината си поигрува со неговиот живот и во сообраќајка, Џон ги губи неговата сопруга и синот.
Тетеравејќи се на работ на самоубиството, тој добива утеха и молба од негов стар пријател, да му помогне со раководењето на тимот на малата боландска лига.
При подготовките, тој се запознава со малото осамено момче Тимоти Нобл кое претставува столб на оваа трогателна книга.
Мотото на оваа книга, кое се провлекува до самиот крај е познатата фраза на Сер Винстон Черчил: Никогаш, никогаш, никогаш, никогаш, никогаш не се откажувај!
Искрено се надевам дека книгата ќе ви се допадне!



               Го сакам Њујорк - Линдзи Келк


Го сакам Њујорк - Линдзи Келк
Да претпоставиме дека сте на свадбата на вашата најдобра пријателка. Деверица, во преубав тесен фустан за кој сте се мачеле како грешен ѓавол да ослабнете и со преубав пар Кристијан Лубутон на нозете.Се радувате за вашата пријателка, погледнувате во својот свршенички прстен и се надевате дека на вашето момче во скоро време ќе му текне да го одреди вашиот датум, се надевате дека вие сте следни на списокот.
И тогаш прекрасниот Лубутон почнува вечерта да ви ја прави пекол, нозете ве болат и одите до колата за да ги земете вашите удобни, рамни чевли... А таму?! Таму вашето момче, со испотено лице и пантолони спуштени до земја. Под него, некоја евтина девојка која ужива на задното седиште од вашиот заеднички автомобил!!!
Она што требаше да биде семеен автомобил за вас двајца и вашите деца!
Светот се руши, ви доаѓа да му ги забодете штиклите во празната глава и да врискате на цел глас! ИЛИ... едноставно да побегнете,таму каде што не е Марк, таму каде што не е евтината блудница, таму каде што ги нема „пријателите“ кои ве гледале во очи и ве лажеле, таму каде што секој има шанса да стане некој нов - ЊУЈОРК! Има ли подобро место на целиот свет?!
И тоа едноставно се случува... Анџела скокнува на првиот лет за земја во која луѓето разбираат англиски и едноставно бега!
Запознајте ја Анџела Кларк!
Оваа книга мора да ја обожаваат сите што ја обожаваат Кинсела. И ова е книга која ќе ви ја прикаже чик литературата во едно од своите најдобри светла.
Па, прочитајте ја и самите и уживајте во неа и секако, немојте да речете дека не бевте предупредени дека ќе бидете заразени од ГО САКАМ... треската.



         Последната песна - Николас Спаркс 


Последната Песна - Николас Спаркс
Последната песна е петнаесеттата книга на веќе добро познатиот автор Николас Спаркс. Издадена е во 2009 година и веднаш дебитираше на првото место на листата на бестселери на Њујорк Тајмс.
Последната песна е приказна за Рони Милер, седумнаесетгодишна ќерка на разведени родители. Таа живее со нејзината мајка и помалиот брат во Њујорк, додека нејзиниот татко живее во Северна Каролина. Таа не му зборуваше на нејзиниот татко уште од кога нејзините родители се разведоа, а сега мора таа и нејзиниот десетгодишен брат мора да го поминат целото лето со него. Но, таа не знае зошто мајка и ја натера да оди во Северна Каролина, и дека луѓето кои ќе ги запознае и работите кои ќе се случат таму засекогаш ќе и го променат животот...
Уште еден романтичен роман на Николас Спаркс кој ќе Ве остави без здив...






Госпоѓа Кембл - Џенифер Хејг

Госпоѓа Кимбл - Џенифер Хејг
Три жени без да знаат една за друга за мажат за ист човек... и ајде сега пробајте да ја оставите оваа книга, ајде! Можете да замислите што следува понатаму.
Кен Кимбл се разоткрива низ очите на жените што една по една ги заведува.
Неговата прва жена е Берди, која со тешка мака се бори да застане на свои нозе откако мажот ја напушта. Втората е Џоана, осамена богата наследничка обесхрабрена од личната трагедија, која во Кимбл ја гледа последната шанса да ја почувствува животната радост. Трета - и последна - е Дина, убавица чие лице го грди вродениот недостаток, два пати помлада од својот сопруг.
   Кимбл е камелеон, тој се прилагодува и обликува според секоја жена која сака да ја освои. Тој знае што сака секоја жена, знае каков тој треба да биде за да стане оној што таа ќе го сака. Тоа е човек што поседува способност, макар и за кратко, да ја восхити жената што ќе ја посака - принц на коњ, јунак кон кој може да се упатат сите најсилни страсти и копнежи.
Интересна, неизвесна, заплеткана... со еден збор, добра книга.



Внимавај што посакуваш - Александра Потер

Внимавај што посакуваш - Александра потер
Оваа книга е точно типична чик литераура... Можеби она што малку недостигаше беше Њујорк шмекот, Менхетен мирисот за да биде повеќе во стилот на Сексот и Градот, но сепак станува збор за англиска писателка и дејството се одвива во Англија па сето ова е разбирливо.
Хедер Хамилтон има грст желби. Особено откако нејзиниот дечко ќе ја изневери после неколкугодишната сериозна врска, таа е во тотален хаос. Капак на сето тоа е тоа што таа со години е заглавена на своето работно место за кое планирала дека ќе биде само привремено решение....
Ах да, желбите на Хедер... Тоа не се големи желби како мир во светот или главна женска улога во филм со Бред Пит, туку мали, секојдневни желби кои постојано ѝ паѓаат на ум. Со нејзината среќа во животот, свесна е дека тие наивни желби никогаш нема да ѝ се остварат... Сѐ додека еден ден една циганка не ѝ подари едно магично гранче...
Желбите на Хедер вртоглаво почнуваат да се исполнуваат... Доволно е само таа да помисли и посака и ПУФ, желбата е остварена!
Но, дали не прави среќни тоа што добиваме што ќе посакаме кога она кое најмногу го посакуваме не можеме да го добиеме?!
Во оваа весела, позитивна романтична комедија Александра Потер открива како може животот да изгледа кога наеднаш сите желби ќе ви се остварат.... ВНИМАВАЈ ШТО ПОСАКУВАШ - МОЖЕБИ ЌЕ ТИ СЕ ИСПОЛНИ!!!



 Шолја чај - Ејми Ефрон

Шолја чај од Ејми Ефрон
Уххх каков гнев ќе Ви се роди додека ја читате оваа книга. Мислам дека за прв пат секој од нас ќе си дозволи да го оправда и да го смета за правилно она кое не е правилно, ниту според законот на моралот ниту според законите во светот.
Прочитајте каде може да ве одведе една пријателска и добронамерна шолја чај... Прочитајте како може една обична шолја чај да уништи еден живот... или три животи...
Оваа книга е мешавина на драма, трилер па дури малку припаѓа и во категоријата чик литература. Сепак ја сместив во оваа категорија затоа што мислам дека темата љубов преовладува.
Не би можела да ви раскажам ништо повеќе бидејќи тогаш би го уништила целото ваше уживање. Ако само почнам да зборувам за чајот, ќе ви ја откријам целата низа на настани, а не сакам тоа да се случи...
Дали сте подготвени да го направите ова за својата одземена љубов?






Љубовта за Ана - Иле Милевски

Љубовта за Ана
Станува збор за психолошки љубовен роман базиран на вистинска приказна, наменет за младите при решавањето на нивните секојдневни љубовни проблеми. Опишан е студентскиот живот и деновите поминати на факултет врз основа на социолошко, психолошко, филозофски аспект од страна на еден млад студент.
Во романот се опфатени сите видови на љубов, почнувајќи од заљубувањето, платонската и фантазерската љубов, па се движиме во екстреми завршувајќи со зависната, патолошка и невозвратена љубов.
Токму од поимот љубов зависи животот на сите нас, но бидејќи денес живееме во свет во кој современото капиталистичко општество и медиумите нѝ ја имаат изменето како нашата слика така и нашите мислења, ставови и чувства за љубовта, таа природна состојба на љубов денеска е заменета со сосема нешто друго кое се нарекува "љубов" а е само еден вид на патолошка љубов.



А потоа - Гијом Мисо

А потоа - Гијом Мисо
„Како осумгодишно момче, Нејтан, кој во еден момент е мртов, помина низ светлинскиот тунел. Скокнувајќи во езерото за да спаси едно девојченце, тој се удави. Престанок на работата на срцето, клиничка смрт... А потоа, повторно, живот.“
Напнатост, неизвесност, чувства, страв, љубов... Тоа се главните емоции кои се чувствуваат и доминираат низ книгата.
Нејтан, кој го живее својот втор живот по клиничката смрт, сега живее едноличен живот. Има жена и дете, но тој е разведен и живее сам. Има блескава кариера, многу пари и моќни пријатели, но ништо од тоа не може да го натера да го заборави својот поранешен живот, да го натера да заборави барем за миг кој бил некогаш и од каде доаѓа...
Болен од амбиција за богатство и слава, болен од желбата да докаже дека и тој вреди - тој го запоставува своето семејство и прави жената која го сака вистински сепак да го остави.
А потоа... Се појавува една личност во неговиот живот. Не, тоа не е нова жена, не може да биде бидејќи тој уште е вљубен во својата жена. Тоа е еден човек кој го уверува дека неговата улога на земјата е да ги подготви луѓето за смрт, тој е еден вид гласник...
Но зошто е тој тука? Дали животот на Нејтан е завршен? Дали тој кој ги достигна своите најголеми амбиции сега смета дека неговиот живот бил исполнет доволно за да може мирно да умре?
Прекрасна приказна, убаво осмислена, преубаво напишана... Ве допира и Ве тера да се замислите за многу нешта, за љубовта, за работата, за амбициите, за желбите...за животот.
Ми се допадна!