Тинејџерски и детски

 Дневникот на принцезата - Мег Кебот

Дневникот на принцезата - Мег Кебот
Животот на едно просечно девојче со разведени родители засекогаш се менува, сега сите знаат која е Мија! Требаше само еден момент поминат во хотелот „Плаза“ со нејзината баба, за да Мија сфати дека нејзиното обично име по кое ја знаеја нејзините пријатели преку ноќ се заменило со Принцезата Амелија Мињонет Грималди Термополис Реналдо - Принцезата на Џеновија! Нејзиното семејство го знаеше тоа, но само за неа не важеше истото.
Ох.. колку јас би сакала да бидам Мија! Но таа не сака да биде себеси, мисли дека не го заслужува тоа. Како може една девојка од 15 години, ’рамна’, највисока во прва година во училиштето „Алберт Ајнштајн“, а покрај тоа ’тазе печен’ потомок на принцот од Џеновија, да биде принцеза?
Потоа е прекрасна и со исто такво момче, но сепак мисли дека не може да ја носи на грб таа одговорност, а и постојано е следена од навредите на Лана Вајнбергер и нејзините ’навивачки’... Дали ќе успее?
Па, иако многу малку луѓе немаат целосна доверба во неа, нејзините потези секогаш успеваат - на пример кога нареди да се фрлат 10.000 полжави во Џеновијанското море.
Дневникот На Принцезата е еден прекрасен тинејџерски роман...
Всушност, со ова име се препознаваат и останатите делови од серијалот --Дневниците На Принцезата--, како на пример „Принцезата На Забава“, „Принцезата На Часови За Принцеза“, „Принцезата Во Очекување“, „Вљубената Принцеза“, „Принцезата Под Рефлектори“ итн.





Девојчето од Шестата Месечина - Муни Вичер
Муни Вичер - Девојчето од шестата месечина
"Девојчето од Шестата Месечина" е една од четирите детски книги на Муни Вичер.
Муни Вичер е една италијанска писателка која пишува книги за деца и за возрасни.
Никој не знае каде живее Муни Вичер.
Единствено што се знае за неа е дека живее со дванаесет мачки и две гуски. За мене оваа книга е прекрасна.
Во неа се раскажува за едно девојче кое има десет години, се вика Нина и живее во Мадрид со своите тетки. Дедо ѝ живее во Венеција и е алхемичар.
Нина има ѕвезда петокрака на својата десна рака и по веста за мистериозната смрт на својот дедо, таа ќе отпатува во Венеција со својата мачка Платон и својот пес Адонис, a не знае дека таму ќе треба да ја спаси Ксоракс (Шестата Месечина) од Каркон Ка’д’Оро и неговите стотици андроиди.
Помош ќе има и од своите пријатели Додо, Франческо, Фјоре, Рокси, Макс. Нина сè побрзо навлегува во тајните на алхемичарскиот занает. Не сакам да ви ја раскажам цела содржина за да можете сами да ја откриете нејзината убавина. Сега го читам вториот дел, ‘Нина и тајната на осмата нота’’, кога ќе ја прочитам, ќе напишам нешто и за неа.






Галебот Џонатан Ливингстон - Ричард Бах

Оној што лета највисоко, гледа најдалеку.
Накратко, ова е премисата на оваа прекрасна книга. Книга што мора секој да ја прочита. И тоа повеќе пати. Со секое читање ми се чини дека сè повеќе го откривам галебот во мене. Желбата да се биде повеќе, да се направи повеќе е она што го движи светот напред.
Секојпат, во некој период од времето има понекоја личност која за другите е чудна, налудничава и најчесто осудувана и отфрлана од сите.
Но секојпат тие се оние кои го газат натрупаниот снег и прават патека за оние по нив, за оние кои се доволно храбри да ги следат.
Галебот Џонатан Ливингстон низ прекрасниот талент на писателот Ричард Бах, не води кон осознавање на самите себе, кон осознавање на тоа што сме и тоа што можеме да бидеме. Доколку сме доволно храбри.
Топла препорака до секој кој досега ја нема прочитано, да ја стави во својот список на книги кои задолжително треба да ги прочита.





Марта - Горјан Петревски
Марта - Горјан Петрески
Нашиот живот е миговна игра, игра во која ние сме показателите на патот. Но какви и да сме, не мораме никому и со ништо да покажуваме кои сме. Тие сме што сме, совршен израз на единството на животот. Талкајќи по среќата, се сопнуваме на места навидум лесни за помин, а всушност тешки за совладување. Вистинскиот приказ на животот можеме да го видиме токму во овој роман. Роман кој е огледало во кое секој од нас се гледа, се препознава.
Марта. Која е таа Марта? Израз на детско срце со премногу болка во својата душа, премногу мечти и тага за такво девојче со анѓелско лице. Срце во кое за секој има место, срце на кое не му е потребно ништо друго, освен татковска љубов за да биде цело.
Таа е девојче во кое има надеж, девојче кое знае што е добро а што не, но девојче кое од преголема желба се заплеткува во стапицата од животот. Како брод кој е среде морската шир, изгубен во целата таа еднолична глетка, така и Марта ќе го изгуби својот правец, ќе ја изгуби насоката по која треба да се движи.
Изгубена во своите чувства не ќе може да сфати што прави и дали е тоа она вистинското. Испреплетена во пајаковата мрежа на животот, таа се бара себеси и својот живот во животот на другите. Можеби овој роман е дел од програмата по македонски јазик за седмо одделение, но ниту малку не е роман кој покажува несериозност, лежерност...
Напротив, тоа е роман кој има своја длабочина, онаа која е осудена да ги чека своите нуркачи, оние кои ќе го пронајдат најскапоцениот бисер, меѓу купот школки.





 
                  Сама - Горјан Петревски

Сама - Горјан Петревски
Овој роман е посветен на нашиот пијанист Симеон Трпчевски и токму тој е главната инспирација за ова дело на Горјан Петревски.
Во една прилика и самиот автор кажал:
Симеон Трпчевски го следам од неговите најрани години. Кога седнав да го пишувам романот, односно кога ми се наметна ликот на еден млад пијанист, јас не можев да избегам од ликот на Симеон Трпчевски.
Роман во кој целосно е доловен секојдневниот живот од младата популација, каде младата личност се среќава со лагата, злото, лицемерството, алкохолот.
Главен лик на романот е Симон Гелев, во кој е потретиран нашиот познат пијанист со светско реноме Симон Трпчевски, кој е претставен како светски млад пијанист, заедно со неговата упорност, работливост, скоромност, добрина, искреност, љубов и почит кон другите.
Паралено на оваа успешна приказна, авторот ја доловува и приказната за Теодора Малинова. Таа е меѓународно позната каратистка (својата одмазда, ја преточува во успешна кариера), осамена, несреќна девојка. Која  е причината за таквата огорченост кај младата личност ќе прашате..... Таа е жртва на измама на „пријател„ ако може така да се нарече. Бидејќи пријател е збор кој има тежина. Дали нејзините млади плеќи се доволно силни да го издржат таквиот товар....
За крај:
... Почетокот на љубов која и не беше почеток, затоа што траела одамна, а тоа си го признаа и двајцата. Си го искажаа и молчејќи со искрен поглед, со прегратка на дождот, но и со ветување дека долго, долго ќе бидат заедно.