Психолошки

Моќта на потсвеста - Џозеф Марфи

Моќта на посвеста - Џозеф Марфи
Книгава е чиста метафизика.Јас верувам дека од нашата добра мисла зависи нашето добро расположение. Авторот во неколку наврати говори дека мозокот е една голема градина. Ако посееме убави мисли ќе вродат убав плод. Ако посееме лошо семе (лоши мисли) ќе добиеме лош плод.
Па потсвеста е моќна во секој случај и ако во моментот не не’ тера да направиме нешто тогаш верувајте ќе остане како спомен и во иднина некоја постапка ќе ја базираме на тоа „што се одвивало под површината“. Обично кога викаме дали да го слушаме срцето или разумот (најчесто во љубовта) викаме дека го следиме срцето но разумот во потсвеста знае да не мачи и јаде од внатре многу подоцна откако сме го направиле 'нештото'.
Се разбира ова знае да биде и обратно. Потсвеста е базирана на собрани стравови, мислења, желби кои пловат под површината на тоа што отворено го мислиме и го правиме. Како и сантата мраз, потсвеста е 70-80 проценти од тоа што навистина се одвива во нашата глава додека свесниот дел е најмал и безначаен во споредба.





Алхемичарот - Пауло Коелјо
Алхемичарот - Пауло Коелјо
Безвремено дело кое заслужено добило голем број на пофалби. Но, ништо не ме чуди бидејќи од еден генијалец како Пауло Коелјо излегуваат само вредни работи.
Да се навратам на делото. Доста чудно, содржи еден вид магија која е употребена за да се вклопат сите тие убаво срочени мисли. Се зборува за младиот Сантијаго кој поминал долг и макотрпен пат за да го најде своето богатство.
Секој читател делото би го сфатил на свој уникатен начин, начин кој што ќе нѝ покаже како и ние самите да ја проживееме нашата Лична Легенда. "Доволно е само да го слушаме нашето срце", се зборови на Алхемичарот.
Доволно е еднаш да се прочита ова дело за да сфатиме дека љубовта е и во зрнцата на песокот, ветерот, сонцето, без притоа да поминуваме низ рамниците на Андалузија и Тарифа, низ пустината очајно барајќи ја со поглед оазата која несвесно ќе смени многу нешта во нашите животи како што правел младиот Сантијаго.
Без да сретнеме еден крал, еден алхемичар, еден англичанец, една..., но списокот е премногу долг. Како и да е, храброста е она што треба да владее со нас и секако неизмерната љубов и сигурност, дека "Фатима" (метафорично кажано), ќе нѐ чека во пустинската оаза.
И на крај највредната поука : "А кога сакаме нешто, целата Вселена прави заговор за да ја оствариме својата желба".






Подарок - Спенсер Џонсон
Подарок - Спенсер Џонсон
Подарок од Спенсер Џонсон, ја добив за мојот роденден и по нејзиното читање, сфатив дека била најдоброто нешто што некој можел да ми го подари, а Спенсер Џонсон стана еден од моите омилени писатели.
Книгата е мала, лесна за читање и содржи голема мудрост. Приказната во нејзе е едноставна и нѐ подучува дека сопствената сегашност ја создаваме со тоа што ѝ обрнуваме внимание.
Од минатото треба да научиме нешто, а потоа да го заборавиме, а иднината... нејзе никој не може да ја предвиди или да ја контролира. Едноставно треба да го планираме она што го сакаме, а со тоа помалку ќе се грижиме сега, а иднината ќе нѝ биде попозната.
Подарокот кој го нуди книгата е сегашниот миг! Единствениот начин да бидеме успешни и среќни е да живееме во сегашниот миг. Имајќи го овој подарок, ќе бидете споспособни да давате поддршка и да бидете добар пријател, а ќе можете и да управувате и да бидете успешни во вашиот живот!
Искрено книгата ја препорачувам на секој и ве уверувам дека по нејзиното читање, ќе побарате уште некоја книга од овој писател!